Петровска: Резолуцијата на СДСМ е подадена рака за да излеземе од „мртвата точка“ во евроинтеграциите

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24, ја истакна Резолуцијата на СДСМ и претседателот Венко Филипче за црвените линии како „подадена рака за заедништво и заеднички исчекор за иднината на државата“.

​Петровска нагласи дека СДСМ, иако е во опозиција, има обврска да го направи овој чекор првенствено заради државата и граѓаните.

​„За македонскиот идентитет никогаш не се преговара, ниту за македонскиот јазик и секогаш тие мора да бидат заштитени. Ова треба да го сметаат како подадена рака која очигледно ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужува, но должни сме да го направиме тој исчекор, пред сѐ, заради државата“, порача Петровска.

​Пратеничката ја критикуваше актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи дека пред и за време на изборите ветувале репреговарање на Преговарачката рамка и обезбедување подобри позиции.

​„Денеска се соочуваме со суровата реалност дека по 15 месеци од нивното владеење Македонија не е помрдната од мртва точка во поглед на евроинтеграциите“, истакна Петровска.

​Таа додаде дека фактот што опозицијата мора да „бутка, инспирира и мотивира нови резолуции“ е доволен доказ дека власта не е заинтересирана за евроинтеграциите.

​Петровска ги повика сите политички партии и општествени чинители внимателно да ја разгледаат предлог-резолуцијата и да дадат свои забелешки, со цел финалниот производ да не биде белег на ниту една партија, туку да придонесе за продолжување на европскиот пат.