Петрушевски: Филипче профитирал од трипати поскап јаглен за ЕСМ – вози „Ауди Q8“ платено од фирмата што продавала

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска обвини дека поранешниот министер за здравство и актуелен политички лидер, Венко Филипче, лично профитирал од трговијата со јаглен за потребите на ЕСМ, при што, според него, државата плаќала трипати поскапо од реалната цена.

„Најскапиот договор за јаглен кој го склучила ЕСМ е по цена од 82,5 евра за тон со вклучен ДДВ, и тоа со компанијата ‘Зобек мининг груп’. Договорот бил потпишан во септември 2023, за почетна количина од 200.000 тони за РЕК Битола, но со два анекса бил проширен на вкупно 288.000 тони“, рече Петрушевски.

Според него, според податоци од официјално соопштение на грчкиот рудник „Лигниторихиа Ахладас“, од каде се ископувал јагленот, во Македонија биле продадени 768.827 тони лигнит по цена од само 28 до 30 евра по тон – значително пониска од цената по која потоа го продавала „Зобек мининг груп“.

„Станува збор за трипати повисока цена на истиот јаглен што граѓаните ја плаќаат преку сметките за струја“, нагласи Петрушевски.

Тој дополнително тврдеше дека „Зобек мининг груп“ директно води до Венко Филипче, наведувајќи конкретен пример:

„Ова е возилото ‘Ауди Q8’ кое Венко Филипче го вози од изборната кампања наваму. Истото е купено на лизинг од ‘Зобек мининг груп’ и потоа дадено на Филипче. Газдата на фирмата за истражувачки новинари потврдил дека токму преку фирмата која продавала трипати поскап јаглен, е купено возилото кое сега го вози Филипче“, рече Петрушевски.

„Ова е фрапантно и безобразно. Народот плаќа поскапа струја, а Филипче се шета со Ауди Q8. И истиот тој, без грам срам, денес бара гласови и води политичка партија“, заклучи Петрушевски.