Пет години од стечајот на Еуростандард банка: Правдата сè уште тапка во место

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка денеска ја одбележа петгодишнината од стечајот на банката, со остро обраќање до јавноста и институциите. Според Здружението, пет години по затворањето на банката, истрагата за случајот сè уште не е мрдната од мртва точка.

​„Пет години подоцна, истрагата што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал сè уште тапка во место. Пет години поминаа, а немаме ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште. Само молк“, се наведува во соопштението.

Споредба со светски градежни проекти и критики кон институциите

​Здружението истакнува дека во изминатите пет години светот се трансформирал, наведувајќи примери како изградбата на Ајфеловата кула за две години и Емпајр стејт билдинг за нешто повеќе од една година. Тие ја споредуваат оваа ефикасност со состојбата во Македонија, каде што за правда „не е доволно ни времето, ни вистината, ни сведоштвата, ни нашата борба“.

​„Ќе се изгради ли побрзо брзата пруга Скопје-Солун, отколку што нашите граѓани ќе дочекаат правда? Или правдата е единствениот проект што никогаш не е планиран во оваа земја?“ – прашуваат оштетените штедачи.

​Тие потсетуваат на јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал, како и на незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Здружението нагласува дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници.

​Порака до институциите

​Здружението категорично одговара на повиците за расформирање, порачувајќи дека ќе постои „додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата“.

​На крајот, со горчина прашуваат: „Што очекувате да се случи прво – градењето на новата пруга до Солун или конечно поднесување на обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра?“.

​Одговорот, велат, го очекуваат од Обвинителството, а одговорноста ќе ја бараат „секој ден, сè додека постоиме“.