Актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, преку видео-обраќање алармираше дека ЈП „Комунална хигиена“ пет дена не се појавува на улиците на Центар за да го подигне сметот, што создава алармантна ситуација и опасност од зарази. Поради ова, тој испратил допис до ЗЕЛС со барање за итна седница и ја повика Владата да размисли за прогласување вонредна состојба.
Герасимовски истакна дека ситуацијата ги надминува сите граници.
„Ова ги надминува сите граници. Изминатите пет дена комуналното претпријатие воопшто не се појавува на улиците во Општина Центар и се соочуваме со огромни проблеми, а набрзо не дај боже и зарази. Нашите хигиеничари се во две смени, имаме дополнителна механизација којашто и во утринските и во вечерните часови е на терен и правиме сѐ да го расчистиме сметот и она што не го прави комуналното претпријатие веќе подолг период. Но, овие пет дена како што кажав е навистина алармантно“, рече Герасимовски.
Тој информираше дека утрово испратил допис до Управниот одбор на ЗЕЛС (Заедница на единици на локалната самоуправа) и побарал итна седница на која ќе се бара решение за проблемот.
Градоначалникот, исто така, изјави дека веќе разговарал со неколку негови колеги од кои побарал дополнителна механизација за сами да го отстрануваат сметот.
„Ја повикувам и Владата да размисли за вонредна ситуација, поради тоа што јавното комунално претпријатие и Град Скопје изминатите пет дена воопшто не се појавува на територија на Општина Центар за да го отстрани сметот од контејнерите“, апелираше Герасимовски, ветувајќи дека нема да дозволи ова да се случува на центарци и дека неговиот тим ќе направи сѐ да се справи со проблемот.