Петмина новинари на Ал Џезира, меѓу кои и познатиот дописник Анас ал-Шариф, се убиени во израелски напад врз новинарски шатор пред болницата „Ал Шифа“ во градот Газа. Во нападот животот го загубија вкупно седум лица.
Во нападот, покрај ал-Шариф, загинаа и дописникот Мухамед Креикех и снимателите Ибрахим Захер, Мухамед Нуфал и Моамен Алива.
Кратко пред својата смрт, 28-годишниот ал-Шариф на социјалната мрежа X објави дека Израел спроведува интензивно бомбардирање. Во неговото последно видео се слушаат силни експлозии, а небото е осветлено од огнени блесоци.
Во порака подготвена за објава во случај на смрт, ал-Шариф напиша дека „никогаш не се двоумел да ја пренесе вистината“ и ги повика на одговорност „оние кои молчеа“. Тој изрази жалење што ја остава сопругата и децата.
Ал Џезира го осуди нападот како „очигледен и однапред планиран напад врз слободата на медиумите“ и како обид да се замолчат гласовите кои известуваат од Газа. Мрежата ги повика меѓународната заедница и релевантните организации да преземат „решителни мерки за запирање на ова тековно геноцидно дејствување и на намерното таргетирање на новинарите“.
Израелската војска го обвини ал-Шариф дека раководел со ќелија на Хамас и дека организирал ракетни напади. Тие тврдат дека поседуваат „недвосмислени докази“ за неговата поврзаност со групата.
Меѓутоа, Мухамед Шехада од Euro-Med Human Rights Monitor вели дека нема докази за учество на ал-Шариф во непријателствата. Според него, целата негова работа била известување пред камера.
Специјалната известувачка на ОН, Ирена Кан, минатиот месец изрази длабока загриженост поради обвинувањата, предупредувајќи дека има сѐ поголем број докази дека новинарите во Газа се целно ликвидирани врз основа на непоткрепени тврдења. Ал Џезира ја обвини израелската власт дека фабрикува докази и дека спроведува „кампања на поттикнување“ против нејзините новинари.