Министерството за здравство издаде јавно здравствени препораки за безбедност на храната. Според Министерството, небезбедната храна е причина за 600 милиони заболувања и 420.000 смртни случаи годишно на глобално ниво.
Болестите се предизвикани од бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции кои влегуваат во телото преку контаминирана храна или вода.
Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија ги дава следниве препораки за спречување на размножувањето на микроорганизмите во храната:
1. Одржувајте хигиена
- Темелно мијте ги рацете пред готвење и јадење, како и по користење на тоалет.
- Користете чисти садови и прибори.
- Заштитете ја храната од инсекти, штетници и други животни.
2. Чувајте ги одделно свежата и зготвената храна
- Одделете го свежото месо, живината и морската храна од останатата храна.
- Користете посебни ножеви и штици за сечење за свежа храна.
- Чувајте ја храната во посебни кутии за да се избегне контакт меѓу свежата и зготвената храна.
3. Приготвувајте ја храната темелно
- Темелно гответе ја храната, особено месото, живината, јајцата и морската храна.
- Супите и варивата треба да зовријат и да достигнат температура од 70°C.
- Темелно загревајте ја храната што е претходно подготвена.
4. Чувајте ја храната на безбедна температура
- Не оставајте подготвена храна на собна температура подолго од 2 часа.
- Подготвената и расипливата храна ставете ја во фрижидер на температура под 5°C.
- Пред сервирање, загрејте ја храната над 60°C.
- Не чувајте ја храната предолго, дури ни во фрижидер.
- Не ја одмрзнувајте смрзнатата храна на собна температура.
5. Користете безбедна вода и свежи продукти
- Користете здравствено безбедна вода за пиење, готвење и миење.
- Избирајте свежа и здрава храна од сигурни извори.
- Добро измијте ги овошјето и зеленчукот.
- Никогаш не консумирајте храна по истекот на рокот на употреба.