Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси, кој пред квалификацискиот натпревар со Албанија во Тирана најавуваше победа, по завршувањето на мечот беше повеќе од задоволен со освоениот бод.
Херој на српската селекција беше голманот Ѓорѓе Петровиќ, кој настапува за Челзи, а минатата сезона ја мина на позајмица во Стразбур. Тој блесна во финишот на првото полувреме, кога одбрани пенал изведен од Манај, спасувајќи ја Србија од негатива.
На прес-конференцијата, Стојковиќ реагираше бурно на новинарска забелешка дека наместо најавената победа, се задоволил со реми:
„Не ви се допадна играта? Не? Тогаш најдете си друг селектор“, изјави Пикси, додавајќи:
„Не е лесно да се игра во Тирана. Покажавме карактер, не се исплашивме од атмосферата – која беше фантастична. Честитки до навивачите на Албанија.“
Изјавата на селекторот изненади многумина, особено ако се земе предвид дека српските фудбалери во текот на натпреварот беа цел на навредливи скандирања, а тројца од нив беа погодени со предмети фрлени од трибините.
„Атмосферата беше фантастична. Овие други инциденти беа очекувани. Ние останавме фокусирани на фудбалот“, заврши Стојковиќ.