Пленковиќ го демантира министерот: Нема докази дека свинската чума е „специјална војна“ против Хрватска

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска јасно ги отфрли шпекулациите за „специјална војна“ против земјата со африканската свинска чума, откако неговиот коалициски партнер од десничарското Татковинско движење, министерот за земјоделство Давид Влајчиќ, не ја исклучи таквата можност.

​„Немаме никакви сознанија ниту докази дека се работи за каква било специјална војна“, изјави Пленковиќ, пренесува хрватската телевизија Н1.

​Министерот Влајчиќ во вторникот пред новинарите во Осјек изјави дека е сомнително како болеста, која била ставена под контрола во Хрватска од 2023 година, одеднаш се појавува во „точкасти жаришта“, откако претходно брзо се ширела во Србија.

​„Сами заклучете. Ништо не сакам да исклучам“, рече Влајчиќ, алудирајќи на тезата за специјална војна.

​Пленковиќ, по отворањето на делница од тунелот Учка, потсети дека Хрватска и пред две години се соочувала со проблемот на африканската свинска чума, и нагласи дека сегашната појава не претставува загрозување на националната безбедност.

​Тој смета дека не треба да се отвора истрага за „специјална војна“, бидејќи тогаш таква истрага можела да биде иницирана и пред две години.

​Пленковиќ најави координациски состанок на сите ресори за да се помогне во напорите на Министерството за земјоделство за ограничување и сузбивање на ширењето на болеста. Како главен заклучок, тој посочи дека на сите фарми треба да се подигне нивото на био-безбедност, бидејќи вирусот постои и во соседните земји.