Повеќе од 150.000 луѓе на последното простување со папата Франциск

Над 150.000 луѓе денес се собраа на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан и на околните улици за да ја следат погребната церемонија на папата Франциск. Според информациите од италијанската полиција, околу 50.000 лица се наоѓаат само на самиот плоштад, кој е речиси исполнет до последното место.

Во првите редови се присутни бројни светски лидери и државници, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп со сопругата Меланија, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и претседателите на Бразил, Аргентина и Украина, Володимир Зеленски.

Погребната миса започна точно во 10 часот, кога ковчегот со посмртните останки на папата беше изнесен од базиликата и поставен на плоштадот.

Церемонијата ја води деканот на Колеџот на кардинали, Џовани Батиста Ре, кој во својата проповед му оддаде почит на папата Франциск за неговото несебично пастирско водство.

„Тој воспостави непосреден контакт со луѓето и народите, стремејќи се да биде близок со секого. Беше папа на народот, со отворено срце кон сите“, рече кардиналот.

Во продолжение, Батиста потсети на заложбите на папата за мир во време на жестоки војни, истакнувајќи:

„Војната секогаш носи смрт и уништување на домови, болници и училишта. Таа секогаш го остава светот полош отколку што бил – секогаш е болен и трагичен пораз за човештвото“, заклучи кардиналот Ре.