Судењето против Раде Трајковски – Штекли, обвинет за трговија со дрога, денеска повторно беше одложено поради несогласувања меѓу психијатрите околу неговата ментална состојба.
Судијата Илија Трпков ја донесе одлуката за одложување откако двајцата психијатри, ангажирани од одбраната и обвинителството, дадоа спротивни дијагнози. Судот побара од вештаците на следното рочиште лично да ги образложат своите наоди и стручни мислења.
Психијатарот Ѓорге Хаџи Ангеловски, ангажиран од одбраната, во своето вештачење навел дека Трајковски не е ментално способен да учествува во судскиот процес и предложил итно хоспитализирање на Клиниката за психијатрија.
„Од пред три години Трајковски има свој имагинарен учител кој го подучува на патот на вечниот живот. Има бизарни идеи, поставил камери дома, убеден дека албанската мафија се здружила против него. Покажува знаци на халуцинации и нарушено доживување на телото и органите. Станува збор за шизофренија, сериозно психотично растројство“, стои во вештачењето на Хаџи Ангеловски.
Судењето ќе продолжи кога Судот ќе добие усно појаснување од двајцата психијатри, врз основа на кое ќе се донесе одлука дали постојат услови процесот да продолжи или обвинетиот ќе биде упатен на лекување.