ПОДГОТВЕН СУМ ЗА ПРЕДИЗВИКОТ – СО НОВА ЕНЕРГИЈА И СИСТЕМСКИ РЕШЕНИЈА ЌЕ ГО ВРАТАМ ЦЕНТАР НА ГРАЃАНИНОТ

​Во еден од најжешките политички моменти, кога Општина Центар се подготвува за избори, во фокусот на јавноста е Мирослав Лабудовиќ, актуелниот заменик-министер за енергетика и кандидат за градоначалник од редовите на движењето „ЗНАМ“. Како електроинженер по професија, со искуство во еден од најважните државни ресори, Лабудовиќ ја презема трката за градоначалник со јасна цел – да го врати Центар на граѓаните.

​Во ексклузивно интервју, тој отворено зборува за својата визија, за причините што го натерале да ја замени позицијата во енергетскиот сектор со локалната политика, како и за неговите приоритети во првите 100 дена од мандатот. Лабудовиќ открива дека ќе се бори за чиста и зелена општина, решавање на урбаниот хаос и подобрување на безбедноста. Тој не крие дека очекува силна поддршка од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, а на крајот од разговорот ни открива и каква личност е тој надвор од политиката.

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Господине Лабудовиќ, вие сте електроинженер по професија и заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини. Зошто кандидат за градоначалник на Центар, во ситуација кога овој ресор Ви е по “струка“ и сигурно може да дадете квалитетен придонес за негов раст и ефикасност?  

Лабудовиќ: Центар за мене е дел од мојот идентитет. Јас припаѓам на неговите тротоари, улици и маала и врзан сум за нив – и семејно, и емотивно и професионално и човечки. За мене Центар е најубавото место на светот – тука сум роден, растен, образуван, со стекнати пријатели и реализиран како личност. Мојата професија – електроинженер си ја сакам, ме мотивира да бидам креативен и амбициозен и сигурен сум дека во иднина можам да дадам, како што велите, квалитетен придонес за развој и ефикасност на еден таков витален ресор за македонската економија – како што е енергетиката, рударството и минералните суровини.

Но, во моментов повеќе ме вознемирува и разочаран сум од тоа како денес изгледа нашата општина. Имам чувство дека хаосот го сотре духот на Центар. И токму тоа чувство ме натера да направам нешто конкретно. Сакам да внесам нова енергија во управувањето со општината со системски решенија и различен пристап во решавањето на урбаните проблеми. Затоа ја прифатив кандидатурата и одлучив директно да придонесам мојата општина да стане подобро место за живеење за сите. Мојата цел е едноставна: Центар да му се врати на граѓанинот.

Азманоски: Како “центарец“ и, како што велите, човек кој семејно, емотивно, професионално и социјално е врзан за централната скопска општина, што ќе Ви биде приоритет број еден откако, евентуално, ќе стапите на позицијата? 

Лабудовиќ: Во првите 100 дена од мандатот ќе ја исчистиме темелно општината на начин што ќе ја смениме целосно жалната слика што ја имаме денеска – градското јадро да биде валкано, со преполни контејнери и смет што се шири по тротоарите околу нив, а тоа значи и потенцијално ширење на заразни болести. Ќе воведиме и систем на селекција на отпад, како и негово рециклирање со што ќе може да дадеме и бенефит за заедницата.

Ќе се зафатам веднаш и со битката за повеќе кислород, што значи повеќе зелени површини, помалку можност за концетрација на загадување. Сообраќајниот хаос дефинитивно ќе бара одржлива имплементација на системско решение што ќе биде видливо и со голо око. И, се разбира – ќе зголемиме безбедноста на нашите маала и на тој начин ќе дадеме основа за враќање на духот во нив. Знам дека сето ова воопшто не е лесно, но подготвен сум за ваков предизвик и знам дека можам да го совладам.

Азманоски: ​Политичкото движење ЗНАМ влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, партија и речиси година и половина функционирате заеднички во власта. Каква е воопшто вашата соработка и дали, поради неа, очекувате поддршката од поголемиот партнер да биде клучна за победа во Центар? 

Лабудовиќ: Ние сме партнери веќе година и половина и имаме успешна соработка на сите нивоа во централната власт. Сакаме таквата соработка да ја пресликаме и на локално ниво. Оттука, сметам дека е целосно соодветно да имаме меѓусебна поддршка за овие избори кога станува збор за кандидатите за градоначалници, особено имајќи го предвид фактот што за голем дел од темите што се приоритет за решавањ неопходна е постојана и ефикасна соработка помеѓу институциите на локално и централно ниво. Дополнително, оваа меѓусебна поддршка е силен поттик да оствариме убедлива победа на изборите, но пред се со планови, програми, визија и идеи за подобра иднина.

Би сакал и да потенцирам дека партијата ЗНАМ на локалните избори ќе има свои самостојни советнички листи во 53 општини плус Град Скопје и на тој начин уште еднаш ќе го потврдиме легитимитетот и довербата која во нас ја имаат граѓаните.

Азманоски: Како електроинженер по струка, како гледате на иднината на урбанизмот во Центар, особено во однос на решавањето на сообраќајниот хаос и недостатокот на паркинг места? Дали вашите решенија ќе вклучуваат нови технологии и паметни системи? 

Лабудовиќ: Брз и проточен сообраќај и квалитетен и лесно достапен јавен превоз се првите работи на кои ќе пристапиме кон целосно решавање во соработка со град Скопје. Како и дополнителна бројка на паркинг места, доволна да ги “одглави“ тротоарите барем на оние улици кои го сочинуваат главниот сообраќаен крвоток во Центар. Се разбира дека ќе примениме паметни системи и нови технологии кои во голема мерка ќе го поедностават и олесна живеењето и функционирањето примарно на жителите на Центар, но и на оние кои поради професионални и приватни причини во текот на денот престојуваат и функионираат на територијата на нашата општина.

Азманоски: ​Општина Центар се соочува со голем проблем со недостиг на зелени површини и голем број на градби. Како кандидат за градоначалник, како планирате да го решите овој проблем и дали ќе бидете спремни да ги стопирате тековните градежни проекти? 

Лабудовиќ: Зелените површини се белите дробови на секоја општина. Ние во Центар го имаме Градскиот парк кој претставува кислородна оаза во услови на урбанизиран град. Ќе создадеме простор за паркчиња и ќе засадиме многу дрвја во сите наши маала кои, кажано медицински, ќе бидат нашите алвеоли. Имаме зацртано да поставиме и прочистувачи на воздух на повеќе клучни локации, ќе создаваме зелени покриви и фасади. Едноставно речено, ќе го направиме Центар многу повеќе зелен од досега.

Градот Скопје и Општина Центар треба да продолжат да се модернизираат и урбанизираат. Но, никако без ред. И, токму затоа на урбанизмот ќе посветам огромно внимание за да спречам понатамошна градежна агресија без ред. За се мора да има мерка и граница.

Азманоски: Како граѓанин на Скопје, кој е вашиот најголем проблем што го гледате во градот и дали вашата евентуална градоначалничка позиција во Центар ќе ви овозможи да делувате и на решавање на пошироките проблеми на Скопје? 

Лабудовиќ: Од позиција на прв човек на Центар, ќе делувам максимално на исправање на аномалиите што беа во изминатите неколку години и на територија на општината и воопшто во градот. Веќе споменав, силно ќе се борам за поквалитетен јавен превоз, подобар сообраќај, повеќе зелени површини, чистење на целиот централен простор на Скопје и редовно и ефикасно собирање и складирање на отпадот, елиминирање на дивите депонии, борба против енормното загадување, зголемување на безбедноста на граѓаните, инвестирање во образованието и поддршка на младите таленти, квалитетна социјална и здравствена заштита. Проблеми имало и ќе има, но јас лично и мојата екипа е подготвена на предизвикот за нивно секојдневно решавање.

Азманоски: За крај, ве молиме да ни кажете што е она што луѓето не го знаат за вас како човек, надвор од политиката и професијата? Која е вашата најголема инспирација и што ве мотивира секојдневно? 

Лабудовиќ: Мојата професија електроинженер, ме научи да бидам практичен и прецизен, но и да верувам дека она што е најважно кога станува збор за работата е истрајноста, посветеноста и искрената намера сè што се работи да се направи како што треба и до крај. Не знам и не сакам да живеам во комфорна зона, и можеби затоа постојано барам нови предизвици.

Јас сум сопруг, татко, центарец, електроинжeнер и вљубеник во едноставните задоволства. Мојот свет пред сè, се врти околу двете прекрасни близначиња и мојата сопруга, кои се мојата најголема радост и сила и мојата неисцрпна инсипирација. Роден сум и пораснав во Центар, и верувам дека токму тој дух на маалски живот ме направи човек каков што сум денес – отворен, директен и верен на вистинските вредности. Богатството не е во материјалното, туку во тоа да бидеш чесен, посветен, верен на семејството и пријателите и токму тие принципи ме водат и мотивираат низ животот.