Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против едно лице – виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје. Обвинетиот се товари за пет кривични дела „Малтретирање во вршење на службата“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според Обвинителството, во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година, обвинетиот постојано вршел психичко насилство и малтретирал пет вработени жени, користејќи ја својата службена положба. Тој грубо им се заканувал со отказ, со „фрлање од 6-ти кат“ и со ставање во притвор, а некои од нив ги навредувал.
Закани и притисоци врз жртвите
Откако жените писмено се обратиле до Јавното обвинителство и други институции, обвинетиот ги принудувал да напишат изјави дека биле изманипулирани. Им се заканувал со тужби за клевета со отштета од 100.000 евра и им нагласувал дека може да влијае на судии и адвокати, а дека тие ќе ги изгубат своите работни места. Како резултат на континуираниот притисок, една од жртвите добила анксиозно растројство.
Обвинетиот, исто така, преземал службени дејствија со кои ги пречекорил своите овластувања, намерно заверувајќи лични изјави со печат на Вишото јавно обвинителство, спротивно на правилата.
Освен против главниот обвинет, поднесен е и обвинителен предлог против уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје. Тие се обвинети како соизвршители за продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според Обвинителството, двајцата обвинети намерно ги задржувале и заведувале предметите со задоцнување и под погрешен датум, а притоа ги доделувале директно на второобвинетиот. Со ова тие ја вршеле својата функција незаконски, пристрасно и субјективно, со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, а со тоа тешко ги повредиле правата на странките.