Полицијата во опрема за немири, користејќи шок-бомби и солзавец, насилно ги растера демонстрантите на кампусот на Универзитетот во Нови Сад, на собирот организиран од студентите. Десетици луѓе се повредени.
Полициската интервенција уследи откако неколку илјади граѓани од цела Војводина и Белград се собраа пред Филозофскиот факултет, барајќи полицијата да го напушти кампусот. Протестот беше одговор на полициската бруталност и кршењето на автономијата на универзитетот.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во своето обраќање од командниот центар на МВР, изјави дека полицијата постапила професионално. Тој тврди дека биле повредени 11 полицајци, кои биле нападнати пред факултетот.
„Важно е дека ќе ја зачуваме безбедноста и стабилноста на Србија“, рече Вучиќ, додавајќи дека досега се уапсени неколку лица и дека ќе има уште десетици апсења.
Тој ги нарече „обични кукавици“ и „бедници“ сите оние што ја напаѓаат полицијата.
Во друг дел од своето обраќање, Вучиќ директно навреди дел од пратениците на Европскиот парламент кои дојдоа на протестот за поддршка на студентите, нарекувајќи ги „ѓубриња“.
„Среќен сум поради тоа, ќе се бориме за слободата на нашиот народ и држава затоа што немаме ништо поважно од тоа. А оние што дојдоа однадвор да ја уништат Србија мора да знаат дека ќе им се спротивставиме повеќе од кога било“, изјави Вучиќ.
Тој најави и голем собир на 20 септември, на кој, како што рече, „ќе ја видите силата на српската земја“.
На протестот во Нови Сад присуствуваше и делегација на Европските зелени, меѓу кои и Расмус Нордквист од Данска и Вула Цеци од Грција, кои дојдоа на покана на Зелено-левичарскиот фронт.