Секторот за внатрешни работи – Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство – Скопје, започна постапка поради националистичките скандирања што се слушаа за време на вчерашниот натпревар меѓу Шкендија и Карабах на Националната арена „Тодор Проески“.
„СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител“, соопштуваат од полицијата.
Од телевизискиот пренос на натпреварот јасно се слуша скандирањето „Илирида“, додека дел од медиумите објавуваат дека на трибините се викало и „Голема Албанија“.
Терминот „Илирида“ се поврзува со контроверзен политички концепт кој подразбира создавање независна албанска република на територијата на западна Македонија. Државата го смета ваквиот концепт за иредентистички, сецесионистички и поттикнувач на меѓуетничка нетрпеливост.
Се претпоставува дека скандирањата започнале од страна на навивачите на Шкендија, при што им се приклучил поголем дел од присутните на трибините. Се слушаат од 59. минута на натпреварот.
Ова е втор ваков случај за кус временски период. Само пред неколку дена, Обвинителството во Куманово отвори постапка поради антиалбански скандирања на кошаркарски натпревар, кога од трибините се извикуваше „Чиста Македонија“.
Во тој случај полицијата обезбеди снимки од надзорот и уапси едно лице кое се обидело да внесе транспарент со навредлива содржина.
И покрај претходните најави за ригорозни казни за сите што од спортските трибини шират говор на омраза, инцидентите продолжуваат.
Институциите најавуваат целосно расчистување на случајот, но останува прашањето дали казните навистина ќе бидат спроведени и дали ќе има системска реакција за спречување на понатамошна ескалација.