​Полска воведе ограничувања на воздушниот сообраќај на границата со Украина и Белорусија по инцидентот со руските дронови

Полска воведе ограничувања на воздушниот сообраќај долж своите источни граници со Белорусија и Украина, откако вчера наутро, со поддршка на авиони на НАТО, собори руски дронови во својот воздушен простор. Ова е првпат членка на НАТО да отвори оган за време на војната на Русија против Украина.

​„На барање на Оперативната команда на вооружените сили, ограничувањата на воздушниот сообраќај ќе бидат воведени во источниот дел на Полска во форма на зона со ограничувања EP R129“, соопшти Полската агенција за управување со воздушниот сообраќај.

​Ограничувањата стапија на сила на полноќ и ќе важат до 9 декември. Од зајдисонце до изгрејсонце, летовите во ограничената зона се забранети, освен за екипирани авиони со активни транспондери и двонасочна комуникација со надлежните воздушни власти.

​Исклучоци се применуваат само за воени и специјални летови. Цивилните беспилотни летала се под 24-часовна забрана за летање во зоната.

​Од руското Министерство за одбрана вчера соопштија дека нивните дронови извршиле напад врз воени објекти во западна Украина, но дека немале намера да напаѓаат цели во Полска.