Полска ја предупреди Русија: Не жалете се во ОН ако ви биде соборен авион во воздушниот простор на НАТО

Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, ја предупреди Русија дека не треба да се жали во Обединетите нации доколку нејзини ракети или авиони бидат соборени откако ќе влезат во воздушниот простор на НАТО.

​Сикорски го изјави ова на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН, свикан по инцидентот на 19 септември, кога три руски воени авиони на 12 минути влегоа во воздушниот простор на Естонија, пред да бидат пресретнати од италијански авиони Ф-35.

​„Имам само едно барање до руската влада: Ако друга ракета или авион влезе во нашиот воздушен простор без дозвола, намерно или по грешка, и биде соборен, а остатоците паднат на територијата на НАТО, ве молам не доаѓајте тука и не се жалете за тоа. Предупредени сте“, нагласи Сикорски.

​Инцидентот во Естонија се случи по претходни влегувања на руски беспилотни летала во воздушниот простор на Полска и Романија, што го стави НАТО во состојба на висока готовност.