Во текот на попладневните часови граѓаните ширум државата ќе добијат тест-СМС порака преку системот cell broadcasting, со цел проверка на техничките можности за масовно информирање и алармирање во случаи на кризни ситуации. Ова го соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што појаснуваат од ЦУК, cell broadcasting е модерен систем што овозможува испраќање на итни пораки до сите мобилни телефони во определена географска област, без оглед на операторот. Пораките се појавуваат веднаш на екранот на телефонот и служат за навремено предупредување при пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други вонредни ситуации.
„Овој систем е од национално значење и законска обврска согласно регулативите на Европската Унија, кои налагаат сите земји-членки да воспостават механизам за масовно алармирање на населението“, велат од ЦУК.
Ова не е прва ваква симулација – слична порака беше испратена и пред околу еден месец, кога ЦУК прогласи кризна состојба поради сериозни пожари на неколку локации низ земјава.
Граѓаните се повикуваат да не паничат, бидејќи пораката ќе биде јасно означена како тест, а целта е само да се провери функционалноста на системот за заштита на населението.