Политичката сцена кај Албанците доби нов пресврт – група истакнати функционери од редовите на Алијансата за Албанците, предводени од вицепремиерот Арбен Фетаи и поранешниот министер Азир Алиу, официјално им се приклучија на редовите на движењето „Влен“. Со ова, Алијансата на Арбен Таравари претрпува сериозен удар, додека „Влен“ добива засилување со силен политички капитал и порака за континуитет на промените.
Во официјалното соопштение, „Влен“ ја поздрави одлуката на поранешните соработници на Таравари, велејќи дека тие со својот потег „достоинствено застанале на страната на граѓаните“ и дека нивната постапка е чин на политичка и морална зрелост. Според нив, ова е дел од борбата против враќањето на „старите матрици на политичко пазарење и личен интерес“.
„Во време кога се обидуваат да се деформираат волјата на 107.000 гласачи, овие претставници покажаа дека политичкиот интегритет нема цена“, стои во реакцијата на „Влен“.
Одлуката следи по најавата на Таравари дека ќе соработува со ДУИ на локалните избори – што беше повод за серија разрешувања и внатрепартиски судири. Дел од отстранетите функционери, на јавна прес-конференција, истакнаа дека се приклучуваат на „Влен“ затоа што тоа го бараат граѓаните: продолжување на промената, а не враќање во минатото.
Таравари, пак, набргу возврати, тврдејќи дека станува збор за „анксиозна група“ која не може да се помири со партиските насоки и најави дека Алијансата ќе излезе посилна на изборите.
Пресвртот доаѓа во клучен момент кога се крои политичката мапа за следниот изборен циклус, а останува да се види дали овие премини ќе предизвикаат поширок бран незадоволство во редовите на Алијансата и дали „Влен“ ќе стане новиот фокус на албанската политичка енергија.