Поставена мерна станица во Трубарево за квалитет на воздухот

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска повторно го посети опожареното складиште во Трубарево. Во текот на посетата, тој изврши увид во функционирањето на новопоставената мерна станица за квалитет на амбиентниот воздух.

​Мерната станица е поставена на барање на Министерството за животна средина и ќе работи 24/7 со цел постојано следење на квалитетот на воздухот и навремено информирање на јавноста. Граѓаните ќе можат да ги следат податоците во реално време.

​Меџити беше придружуван од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, проф. д-р Дејан Мираковски.

​„Посетата има за цел да го потенцира значењето на мониторингот на квалитетот на воздухот и унапредувањето на животната средина преку меѓуинституционална соработка“, се вели во соопштението.