Ситуацијата во регионот на Бургас постепено се нормализира по големите поплави предизвикани од поројните дождови што ја зафатија Бугарија во изминатите денови. Сепак, за североисточниот дел од земјата и денеска е прогласен жолт аларм за можно невреме. Бугарските власти внимателно ги следат и тековите во сливот на реките Тунџа, Јантра и Марица.
Во текот на изминатите 24 часа, бугарските власти одговориле на 340 повици за штети предизвикани од невремето. Повиците опфаќале:
- 218 за паднати дрвја.
- 100 за поплавување.
- 22 за обезбедување помош и евакуација.
Полициските, жандармерските и противпожарните служби евакуирале над 100 луѓе во погодените населби, од кои 17 се деца.
Над 80 населби се сè уште без електрична енергија.
Состојба на катастрофа е прогласена во општините во регионите на Бургас, Монтана, Видин, Перник и Крџали, а вонредна состојба во Несебар, Царево, Перник и Крџали.
Во округот Бургас, ситуацијата останува најтешка во Царево, Свети Влас и одморалиштето Елените. Делови од Созопол, селото Лозенец и две населби во општина Карнобат се без електрична енергија, а дел од патиштата се затворени поради паднати дрвја.
Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на терен се ангажирани дополнителни сили, вклучително и припадници на армијата, кои им помагаат на локалните власти во надминување на последиците во поплавените населби.