Потврден вирусот „син јазик“ кај говеда во Хрватска

Хрватското Министерство за земјоделство денеска соопшти дека е потврден позитивен резултат на серотип 8 на вирусот на „син јазик“ (Bluetongue virus – BTV) кај говеда од подрачјето на општина Хрваце, во Сплитско-далматинската жупанија.

Како што се наведува, вирусот е детектиран преку молекуларно тестирање, а примерокот бил испратен во европската референтна лабораторија (EURL). Иако кај заразените животни не се забележани клинички симптоми, присуството на вирусот потврдува дека стада биле во контакт со BTV.

Серотипот 8 моментално циркулира во неколку европски држави, меѓу кои Словенија, Северна Македонија, Италија, Португалија, Шпанија, а од 2024 година е потврден и во Швајцарија. Со оглед на ваквото ширење, хрватските власти предупредуваат на сериозен ризик од понатамошна експанзија на територијата на државата.

Син јазик е незаразна, но сериозна векторски пренослива болест, која ги погодува домашните и дивите преживари. Биолошките преносувачи се комарци од родот Culicoides, кои го пренесуваат вирусот преку каснување. Овие инсекти се способни да летаат до 2 километри дневно, но поради нивната мала големина, ветерот може да ги однесе дури и до 700 километри.

Иако болеста не претставува закана за луѓето и не се пренесува на други животински видови, ветеринарните служби внимателно ја следат состојбата за да се спречи економска штета во сточарството.