Албанските медиуми вчера објавија дека со потерница се трага по Билал Кара (45), албанско-турски бизнисмен кој е почесен конзул на Македонија во Турција. Кара, кој е еден од сопствениците на приватната клиника „Интернешнл Медикер“ (поранешна „Санте Плус“), е осомничен за злоупотреби.
Според албанските медиуми, клиниката била блокирана поради сомнежи дека не пријавила профит од еден милион евра. Покрај тоа, полицијата открила дека клиниката користела лекови со истечен рок или шверцувани производи. Исто така, било утврдено дека петмина вработени биле непријавени.
Билал Кара беше именуван за почесен конзул на Македонија во Измир, Турција, пред две години. Групацијата „Санте Плус“ во Македонија ги вклучува и болницата „ВФП Поликлиник“ во Скопје и „Европската очна болница“.