Почеток на судењето за сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започнува судењето против Васил Јованов, обвинет за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Предмет на судењето е сообраќајната несреќа од јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во која трагично го загуби животот 22-годишната Фросина Кулакова.

Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Јованов без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“. На пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, удрил во Кулакова, која легално преминувала на зелено светло за пешаци. Од силниот удар, таа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За ова кривично дело, предвидена е затворска казна до 20 години.

Случајот ќе го води судијката Снежана Марковска.

Покрај Васил Јованов, обвинение е поднесено и против неговиот татко, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ според член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението опфаќа периодот од 4 ноември 2022 до 30 јануари 2025 година, во кој Зоран Јованов му дозволувал на својот син да управува возило „Пежо 207“, иако знаел дека Васил нема возачка дозвола и е повторувач на сообраќајни прекршоци, вклучувајќи ја и кобната несреќа со Кулакова.