По кратко боледување вчера почина Илинденка Петрушева, истакнат филмски критичар, истражувач на македонската кинематографија, публицист и уредник на списанието „Кинопис“. Веста за нејзината смрт ја објави Кинотека на Македонија, од каде што изразија длабоко жалење и сочувство.
Петрушева е родена во 1944 година во Горна Џумаја, Пиринска Македонија, во семејство на Кирил Петрушев, првиот министер за внатрешни работи на НР Македонија. По школувањето во Скопје, дипломирала етнологија во Загреб, каде што изучувала и историја и теорија на филмот.
Професионалната кариера ја започнала во 1969 година, а во 1974 година била еден од основачите на Кинотека на Македонија, каде што работела до нејзиното пензионирање во 2009 година. Таа одиграла клучна улога во востановувањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола во 1979 година и била генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на Југославија.
Петрушева беше член на жирија на бројни домашни и странски фестивали, а во својата плодна кариера работеше на многу полиња, од историографски истражувања до развој на филмската култура и аматеризмот.
Автор е на неколку значајни книги, меѓу кои:
- „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (1991)
- „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (2001)
- „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (2005)
- „Време на игри и соништа“ (2011)
- „Само сонот е стварност“ (2014)
За својот исклучителен придонес во македонската кинематографија, Петрушева е добитник на повеќе награди, меѓу кои:
- „Златен објектив“ на Кинотека на Македонија (2017)
- Државната награда „11 Октомври“ за животно дело (2017)
Со нејзиното заминување, Македонија губи еден исклучителен културен деец и вистински вљубеник во филмската уметност.