Со два воведни натпревари во Тетово и Скопје, денеска започнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Дванаесет екипи тргнуваат во десетмесечна битка – некои за титулата, некои за излез во Европа, а некои за голиот опстанок.
Бранителот на титулата, Шкендија, и оваа сезона е прв фаворит за шампионскиот пехар. Тетовци уште летово покажаа дека се сериозен тим со настапите во квалификациите за Лигата на шампионите. Главни конкуренти ќе им бидат Силекс, Вардар и Работнички – екипи кои исто така имаа европски настапи ова лето. Не треба да се заборави ниту Струга Трим Лум, која иако беше тивка во преодниот рок, останува квалитетен состав.
Новитет оваа сезона е тоа што натпреварите ќе се играат најмалку во три дена, а првото коло ќе се протега на четири. Уште поважно, поради најавената реорганизација, три тима директно ќе испаднат, а уште два ќе играат бараж за опстанок. Влогот никогаш не бил поголем!
Сезоната се отвора со дербито меѓу Шкендија и Шкупи во Тетово. Натпреварот ќе се игра денес од 17:00 часот и ќе биде пренесуван на МРТ. Шкупи влегува во мечот со големи организациски и кадровски проблеми, додека Шкендија е во полн ритам.
Во вечерниот термин (20:00 часот) следува вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер на арената „Тодор Проески“ во Скопје. И овој натпревар ќе се следи во живо на националната телевизија.
Комплетен распоред – 1. коло на ПМФЛ:
Петок, 8 август
- Шкендија – Шкупи 1927 | 17:00 | Градски стадион, Тетово
- Вардар – Пелистер | 20:00 | Национална арена „Тодор Проески“, Скопје
Сабота, 9 август
- Башкими 1947 – Аресими 1973 | 17:30 | Стадион Башкими, Куманово
- Струга Трим Лум – Македонија ЃП 1932 | 17:30 | Стадион Караорман, Струга
Недела, 10 август
- Тиквеш 1930 – Работнички | 17:30 | Градски стадион, Кавадарци
Понеделник, 11 август
- Силекс – АП Брера Струмица | 17:30 | Стадион Силекс, Кратово
Сезоната започнува со силен интензитет, дали фаворитите ќе го оправдаат епитетот, и кој ќе биде првиот изненадувач? Следете ја целата акција на „Револуционер“!