Почнува јавниот увид во Избирачкиот список пред локалните избори

Денеска започна јавниот увид во Избирачкиот список, кој ќе трае 20 дена, заклучно со 11 септември на полноќ. Овој увид е во пресрет на локалните избори, закажани за 19 октомври.

​Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарско, ги повика граѓаните да го искористат ова право и да ги проверат своите податоци.

​Граѓаните можат да извршат увид во сите подрачни одделенија на ДИК и во месните канцеларии. Адресите се објавени на веб-страната на Комисијата.

Канцелариите ќе бидат отворени непрекинато од 8 до 20 часот, вклучително и за време на викенди и празници. На последниот ден, 11 септември, работниот ден ќе трае до полноќ.

Граѓаните можат писмено да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци. Барањата се поднесуваат до подрачното одделение или месна канцеларија, или по електронска пошта до ДИК, со приложени потребни докази.

​ДИК ќе објавува дневна евиденција за бројот на граѓани кои го искористиле правото на увид, по општини и подрачни одделенија. На затворениците исто така им е овозможен увид во списокот, со поднесување барање преку надлежниот орган за извршување на санкции.

​Заклучениот Избирачки список за гласање ќе биде потпишан најдоцна до 3 октомври.