Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на воспоставување заеднички европски систем за воздушна одбрана, откако руски беспилотни летала ја преминаа границата и влегоа во Полска. Тој ја истакна потребата сојузниците значително да го зголемат заедничкото финансирање за производство на дронови-пресретнувачи.
Зеленски соопшти дека во разговорите со полскиот премиер Доналд Туск, британскиот премиер Кир Стармер, италијанскиот премиер Џорџа Мелони и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, ѝ понудил на Полска помош, обука и експертиза за соборување на руските беспилотни летала.
„Постојат неколку причини за дрското однесување на Русија и тие се сосема очигледни за сите“, рече Зеленски.
Тој додаде дека неговата земја веќе подолго време предлага вакво решение и дека има конкретни планови. „Мораме да работиме на заеднички систем за воздушна одбрана и да создадеме ефикасен воздушен штит над Европа“, потенцираше украинскиот претседател.
„Сите добро разбираме дека ова е сосема ново ниво на ескалација од страна на Русија. Мора да следи соодветен одговор“, заклучи Зеленски.