Празна адреса и уште празни ветувања: Канцеларијата за матично во Аеродром – само маркетиншки декор

Граѓанин од скопската општина Аеродром денес јавно реагираше дека ветената канцеларија за матично во нивната општина, која лани со фанфари ја најавуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за дигитална трансформација, воопшто не постои на терен.

Според сведочењето, иако на веб-страницата на ресорното министерство сè уште стои дека канцеларијата се наоѓа на булевар „Јане Сандански“ бр. 109-А, на самата адреса нема ништо – ниту табла, ниту обележје, ниту пак некој простор што функционира како јавна служба.

„Отидов да вадам матичен број за ќерка ми. Го проверив на интернет, си стои адресата, а на лице место – празно. Луѓето што живеат таму ми велат дека никогаш немало такво нешто. Тоа ви е реалноста зад пропагандата“, пишува граѓанинот во својата реакција.

Ваквите лажни ветувања фрлаат дополнителна сенка врз начинот на кој се води државата, а особено врз веродостојноста на најавените дигитални реформи. Граѓаните се оставени да талкаат од адреса до адреса, со надеж дека некој ќе ја заврши работата што претходно била ветена пред камери и микрофони.

Проблемот е системски: институции кои постојат само на хартија, дигитални услуги кои не функционираат, и „отворени“ канцеларии кои никогаш не проработеле. Ова не е само изолиран случај, туку пример за поширокиот феномен на политичка симулација – создавање на Потемкинови села за медиумска слика, додека на терен граѓаните се соочуваат со хаос и негрижа.