Прва пресуда за куќен затвор со електронска алка: 79-годишен велешанец ќе ја издржува казната дома

Управата за извршување на санкции (УИС) ја сподели информацијата дека во државата е донесена првата пресуда за куќен затвор која ќе се спроведе со користење на електронска алка.

​Осуденото лице е 79-годишен велешанец на кого му е изречена казна куќен затвор во траење од три месеци за кривично дело полово вознемирување (член 190-а, став 2 од КЗ).

​Иако осудениот побарал одлагање, барањето е одбиено, што значи дека пресудата наскоро ќе почне да се извршува.

​„По подготовка на индивидуална програма од страна на пробациски службеник ќе биде поставена опремата за електронски надзор на осуденото лице,“ одговорија од УИС.

​Директорот на УИС, Александар Пандов, претходно најави дека електронските алки се ставаат во функција со основна цел намалување на затворската популација, со оглед на пренатрупаноста во дел од затворите.

​Еден затвореник ја чини државата над 2.000 денари дневно, поради што алките се сметаат за важно решение за растеретување на буџетот.

​Позитивните законски прописи овозможуваат електронски надзор да добијат три категории осуденици:

  • ​Стари и изнемоштени лица.
  • ​Бремени жени или мајки со мали дечиња.
  • ​Тешко болни и лица со инвалидитет.

​Од УИС претходно соопштија дека 60 осуденици веќе аплицирале за користење на електронски алки.

​Управата за санкции формираше посебно одделение за електронски надзор. Системот е програмиран да сигнализира со „црвено“ доколку осуденикот:

  • ​Се одалечи од дозволениот периметар.
  • ​Го помести рутерот.

​Доколку системот алармира, службениците од УИС се јавуваат на осуденото лице (преку сим-картичката во рутерот). Ако тоа не се јави, се контактира блиско лице, а ако и тоа не одговори, се алармира полицијата.

​Пандов изрази верување дека осудениците кои ќе добијат алка „нема да си дозволат да ја злоупотребуваат“.