Политичката кампања за локалните избори во Скопје се интензивира, а кандидатите за градоначалници на Град Скопје и скопските општини деновиве упатија силни пораки до јавноста.
Кандидатите на СДСМ, меѓу кои и актуелниот градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, објавија заедничка фотографија под мотото:
„Обединети за чист, безбеден и функционален град! За Скопје какво што заслужуваме!“
Фотографијата симболизира заедништво и решителност во намерата на кандидатите на СДСМ да понудат кохерентна визија за урбано и модерно Скопје.

Од друга страна, Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кисела Вода, синоќа оствари средба со ветераните на партијата.
„Вечерва се сретнав со оние на кои им должиме многу. Со ветераните! Без многу зборови, со стисок на рака, ми ја пренесоа таа моќна поддршка која ја чувствувам од првиот ден,“ напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Тој додаде дека токму тие, ветераните, го научиле што значи чест, одговорност и љубов кон Македонија, посочувајќи дека нивната истрајност и борбен дух се компасот на денешното ВМРО-ДПМНЕ.
Кампањата очекувано ќе продолжи со сѐ поголем интензитет, а партиите веќе ги мобилизираат своите членови, поддржувачи и стратешки групи во обид да добијат што посилна поддршка на престојните локални избори.