Професорката Каролина Ристова-Астеруд објави емотивна и вознемирувачка порака, поттикната од видеото на грозоморно убиство на 23-годишна девојка од 22 август. Таа апелира до младите, а особено до нејзиниот син, да бидат свесни за својата околина, особено кога користат слушалки.
Во објавата, Ристова-Астеруд истакнува дека комбинацијата на неселективно користење на мобилни телефони и слушалки е исклучително опасна. Како пример го наведува убиството на девојката, која не била свесна за напаѓачот поради исклучените сетила. Таа забележува дека жртвата не реагирала дури ни на невообичаените звуци и движења на напаѓачот.
Не исклучувајте ги сетилата
Професорката нагласува дека сетилата се дадени од природата за да се регистрира опасност и да се овозможи самоодбрана, без разлика дали е инстинктивна или рационална.
„Постојано му викам на син ми, сетилата ти се дадени од природата, меѓу другото, за регистрирање на опасност, за себеоддржување преку самоодбрана… Не ги исклучувај(те)!“ – пишува таа.
Пораката завршува со почит кон жртвата и повик нејзината смрт да не биде залудна, туку да послужи како лекција и предупредување за сите.
„Нека и е светол патот на Ирина… Нејзината жртва нека не биде залудна, туку да послужи за потсетување и ука… бидете постојано свесни за се’ што се случува околу вас, особено кога се наоѓате на јавен простор и меѓу непознати“, порача Ристова-Астеруд.