Утрово, Термоблокот 2 во РЕК Битола автоматски е исклучен од електроенергетскиот систем, поради активирање на заштитниот механизам – информираат од АД ЕСМ. Како причина за исклучувањето се наведува зголемена температура и опожарување на дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување.
Од секторот за односи со јавност на АД ЕСМ не ја исклучуваат можноста за потенцијална саботажа, поради што веднаш е активирана интерна постапка и известена е криминалистичката полиција, која моментално врши увид на местото на инцидентот.
„По завршувањето на полициската истрага, стручните тимови на РЕК Битола ќе извршат детална анализа за утврдување на причините, како и проценка на евентуалната штета,“ стои во соопштението.
Инаку, производството на електрична енергија во РЕК Битола во последниот период се одвива со намален капацитет:
Термоблок 1 е во редовен годишен ремонт,
Термоблок 3 е исклучен поради намалената побарувачка од ЕВН Хоум.
Од АД ЕСМ уверуваат дека снабдувањето на државата со електрична енергија е стабилно и се обезбедува преку зголемено производство од хидроелектраните и купопродажба преку операторот МЕМО.