Охридската полиција приведе 41-годишен маж осомничен дека намерно предизвикал пожар во атарот на селото Горно Лакочереј, охридско.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 7 август 2025 година, во 15:00 часот, полициските службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода З.Н. од Охрид. Според сомневањата, тој запалил нискостеблеста вегетација и ожнеана нива, предизвикувајќи пожар во полскиот предел.
„При преземени мерки и извршен преглед, кај лицето е пронајдена и одземена запалка која се поврзува со кривичното дело. По целосно документирање на настанот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.
Случајот доаѓа во време на зголемени ризици од пожари поради високите температури и сувите полски површини, поради што надлежните апелираат за крајна внимателност и одговорно однесување на терен.