Прилеп во тага: Почина фудбалската легенда Никола Здравески

На 54-годишна возраст, синоќа ненадејно почина Никола Здравески – Николче, една од најголемите фудбалски легенди на ФК Победа и еден од највпечатливите симболи на прилепскиот спорт во самостојна Македонија.

Цела своја кариера ја посвети на Победа – прво како играч, потоа капитен, па и тренер, оставајќи неизбришлива трага во сите улоги. Како капитен, ја предводеше екипата до првата шампионска титула, а како тренер, го водеше тимот до втората. Особено ќе се памети по историските натпревари против италијанската Парма во 2000 година, кога на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп гостуваа некои од најголемите ѕвезди на европскиот фудбал како Џанлуиџи Буфон, Фабио Канаваро, Лилијан Турам, Сержиу Консеисао, Дино Баџо, Славиша Јокановиќ и други.

Здравески ја водеше и младинската школа на клубот, посветено работеше со младите и остави генерации што ќе го паметат како вистински ментор. Кратко беше и тренер на тимот на 11 Октомври, а во 2007 година беше прогласен за најдобар тренер од страна на Фудбалската федерација на Македонија.

Двапати го носеше дресот на македонската репрезентација во пријателски натпревари – против Албанија во Прилеп и против Азербејџан.

Со заминувањето на Здравески, Прилеп го загуби не само еден фудбалски великан, туку и човекот кој живееше за својот клуб и својот град.