Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, синоќа соопшти дека, заедно со членовите на семејството, ја откриле ѕвездата на патеката на славните прилепчани, посветена на Коста Смилески – еден од најзначајните музички дејци во градот и македонската култура.
Проданоски истакна дека Смилески оставил неизбришливи траги со својата посветеност, талент и љубов кон музиката и театарот, збогатувајќи ја традицијата и создавајќи наследство за идните генерации.

Коста Смилески е роден на 11.03.1939 година во Прилеп.
Завршил музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ и Музичка академија во Скопје.
Работел како флејтист во Народниот оркестар на Македонската радио и телевизија (од 1962 година). Добитник е на прва награда за првенец инструменталист на флејта во Загреб.
Активен член на КУД „Моминок“ и КУД „Мирче Ацев“, и еден од основачите на Долненскиот фестивал.

Автор, аранжер и мелограф на повеќе од 300 ора и голем број македонски народни песни. Негови најпознати дела се ората „Зајачко оро“ и „Прилепско оро“, како и песните „Свирете ми чалгии“ и „Несакам лажна среќа“, изведувани од Јонче Христоски.
Градоначалникот најави дека оваа пракса на оддавање почит и чест кон заслужните граѓани ќе продолжи, бидејќи од 2016 година немаше поставено нова ѕвезда.
„Културата и спомените на големите имиња не само што мораме да ги чуваме, туку мораме и да ги пренесуваме понатаму“, порача Проданоски.