Прилеп живее за „Пивофест“: Скара, пиво и музика го вратија сјајот на фестивалот

Со мирис на вкусна скара, студено пиво и насмевки од илјадници посетители, синоќа беше отворено 21-то издание на најголемиот летен фестивал во Прилеп – „Пивофест“. Центарот на градот повторно пулсира од живот, музика и забава, а викендов се очекуваат уште поголеми гужви и атмосфера за паметење.

На петнаесет штандови се нудат пива од шест домашни и регионални пиварници, а прилепската скара е незаменлив дел од фестивалскиот доживувај. Легендарниот скараџија Златко Петрески вели дека интересот е огромен – гости доаѓаат од цела Македонија, па дури и од странство, и задоволни се враќаат по уште.

– Прилепска скара е бренд. Љубезно ги пречекуваме сите, се враќаат и по вторпат – истакна Петрески.

Фестивалот го поддржува и локалната самоуправа со еден милион денари, додека јавните претпријатија се грижат за чистотата, паркирањето и безбедноста. Градоначалникот Борче Јовчески нагласи дека „Пивофест“ е повеќе од фестивал – тоа е економски поттик за градот, со преполни ресторани, продолжено работно време и позитивна енергија.

– Ова е радост за сите, но и придобивка за прилепската економија – порача Јовчески.

Организаторот Христијан Тунески додава дека годинашното издание се стреми да го врати сјајот на фестивалот:

– Имаме добра програма со музика во живо, DJ сетови, натпревари, квизови и семејна зона со маскоти и детска програма. „Пивофест“ повторно е гордост на Прилеп.

Фестивалот трае до недела, а Управата за јавни приходи ги потсети сите угостители да издаваат фискални сметки и да ги почитуваат законските обврски.

 

Добра музика, скара што се топи во уста и ладно пиво – „Пивофест“ е вистинскиот рецепт за летна магија во срцето на Прилеп!