Британскиот принц Хари вчера ја посети Украина со тим од неговата фондација „Invictus Games“, со цел да ги претстави плановите за рехабилитација на ранетите војници. Ова е негово второ патување во земјата годинава.
„Не можеме да ја запреме војната, но можеме да направиме сѐ за да помогнеме во процесот на закрепнување“, изјави Хари за „Гардијан“.
Принцот, кој десет години служеше во британската армија, фондацијата ја основаше за да организира спортски настан за воен персонал ранет во акција.
Хари беше поканет од украинската премиерка Јулија Свириденко и директорката на центарот за рехабилитација „Superhumans“, Олга Руднева. За време на посетата, тој се сретна со министерката за прашања на бранителите, Наталија Калмикова, и со премиерката, а потоа положи венец на плоштадот Мајдан.
Патувањето во Украина се случи на крајот од неговата четиридневна посета на Велика Британија, каде по 20 месеци се сретна со својот татко, кралот Чарлс.