Притвор за осомничените за пукањето во Тетово

​Јавното обвинителство соопшти дека се одредени мерки притвор за сите осомничени лица за пукањето на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово, во кое беше убиен еден човек, а повеќе други лица беа доведени во животна опасност.

​Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против тројца возрасни и едно дете.

​Според обвинителството, еден возрасен и едно дете, родено 2010 година, се осомничени за кривичното дело „убиство“ (член 123 став 2 точка 3), „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ (член 396) и „тешки дела против општата сигурност“ (член 292 став 1). За детето се води постапка согласно Законот за правда за децата.

​Истражна постапка е поведена и против други две лица, осомничени за „убиство во обид“ (член 123 став 2 точка 3).

​Настанот се случил на 10 август, кога осомничените, со употреба на автоматски пушки, испукале повеќе куршуми кон автомобил „голф“. Возачот бил усмртен, совозачот бил тешко повреден, а едно дете, родено 2012 година, кое се нашло во близина, било погодено во десната нога. По инцидентот, напаѓачите побегнале од местото на настанот.