​Продолжи судењето за „Онкологија“: Сведоштво на мајка на почината пациентка

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти.

​Мајката на починатата Адријана Начевска, Јулија Мациевска, сведочеше за голготата што ја поминала нејзината ќерка за време на лекувањето. Таа раскажа дека на Адријана ѝ била правена само крвна слика, но никогаш не ѝ била измерена телесната тежина, што, како што рече, сега дознала дека било задолжително.

​Мациевска истакна дека здравствената состојба на нејзината ќерка се влошила откако почнала да прима имунотерапии. И покрај нејзините реакции, Васев продолжил со терапијата, тврдејќи дека е „превентивна и најприродна“.

​„Кога првпат отидовме на Гастро, докторот таму ми вика ‘дали вие знаете каква е состојбата на вашето дете, таа не е добро, црниот дроб е оштетен и има вештачки метастази од неадекватна терапија’“, сведочеше Мациевска.

​Мациевска ја нагласи довербата што ја имале во Васев на почетокот, но истакна дека со текот на времето тој одбегнувал да одговара на сериозни прашања.

​„Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии. Мене пари не ми требаат, јас го изгубив моето дете, ќе бараме материјална отштета и ќе ја донирам. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста“, изјави таа.

​Обвинението ги товари Васев и неговите колеги, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување на 29 пациенти. Сите тие негираа вина на минатото рочиште, додека второобвинетата Мери Пешевска призна вина.

​Васев изрази сомнеж во веродостојноста на вештите лица во постапката и најави дека неговата одбрана ќе ги побие доказите на Обвинителството.

​Покрај овој случај, против Васев е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера на над 2,2 милијарди денари, за што судењето треба да започне в петок.