Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информира дека и понатаму трае борбата со пожарот во ловиштето Јасен. Во гаснењето учествуваат припадници на специјалните единици на Армијата и Полицијата, заедно со екипи на ЈП „Јасен“.
Во гаснењето од воздух се вклучени еден ер трактор на ДЗС и еден полициски хеликоптер. Според ДЗС, една линија на пожарот која се движела по исклучително стрмен терен, над патот од Скопје кон езерото Козјак, е успешно изгасната од страна на армиските „Волци“. Со тоа е спасена поголема површина зимзелена шума.
ДЗС напоменува дека борбата со огнот е ризична поради екстремно тешкиот терен и дека сè уште не е воспоставена целосна контрола над пожарот.
Во врска со останатите пожари, ДЗС соопшти дека пожарот кај село Свиларе е целосно изгаснат, додека пожарот на територијата на село Радуша сè уште е активен и се движи кон општина Јегуновце.