Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Онкологија“ против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката ќе продолжи без второобвинетата Мери Пешевска, која на минатото рочиште призна вина, по што Судот ја раздвои постапката за неа.
На обвинителната клупа остануваат Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, кои негираа вина.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во воведниот говор најави дека ќе изнесе докази дека првообвинетиот Васев „свесно и систематски постапувал спротивно на основните начела“. Таа наведе дека терапиите биле препишувани несоодветно, без конзилијарни одлуки и без потребни проценки на здравствената состојба на пациентите.
„Терапиите биле препишувани дури и кога не биле потребни, а со тоа и штетни, без можност за развивање терапевтски ефект“, изјави Гоговска Јакимовска.
Нино Васев не се чувствува виновен и тврди дека против него се води „некој вид на заговор“. Неговата одбрана најави дека ќе ги побијат доказите на Обвинителството со сопствени вештачења и сослушување на доктори од Србија и Словенија, кои ги изработиле вештачењата за Обвинителството.
Лекарите се обвинети за „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети несоодветни терапии. Против Васев е поднесено и второ обвинение за злоупотреба на службена положба, со проневера од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.