Промовирана надградената хибридна сала на Државната кардиохирургија: Единствена од ваков вид во регионот

​Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за државна кардиохирургија по повод промоција на надградбата на хибридната сала. Оваа сала е прогласена за единствена хибридна операциона сала од ваков вид не само во државата, туку и пошироко во регионот.

​Министерот Алиу истакна дека оваа инвестиција е дел од континуираните вложувања на Министерството од инфраструктурна и техничка гледна точка.

​„Станува збор за современа апаратура што овозможува детекција, анамнеза и интервенција, а потоа и следење на здравствената состојба на пациентот при кардиохируршките интервенции“, посочи министерот Алиу.

​Надградбата вклучува нов компјутерски томограф, за кој Министерството за здравство обезбедило средства во вредност од 2 милиона евра.

​Со најсовремени софтвери, новиот томограф овозможува услови со кои нашата држава се вбројува меѓу водечките центри во оваа област. Софтверите на ангиографот и томографот се целосно комплементарни и овозможуваат највисок стандард во ендоваскуларниот третман.