Проневера од над 2 милиони денари во прилепската болница, вработениот доби условна казна

Основниот суд во Прилеп донесе правосилна пресуда против службено лице од ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ – Прилеп, за сторено кривично дело проневера во службата. Според соопштението на Управата за финансиска полиција, осудениот вработен во периодот од август 2024 до април 2025 година противправно присвоил вкупно 2.110.640 денари, пари кои биле наплатени од пациенти.

И покрај тоа што обвинетиот ги вратил проневерените средства, судот утврдил вина и му изрекол условна затворска казна во траење од две години, која нема да се изврши доколку во наредните четири години не стори ново кривично дело.

Овој случај, како што посочуваат од Финансиската полиција, е дел од обемна истрага за финансиското работење на прилепската болница. Истрагата се спроведувала со месеци и открила сериозни неправилности, при што институциите испратиле јасна порака дека злоупотребата на јавни средства нема да биде толерирана.

Од Управата нагласуваат дека враќањето на украдените пари не значи избегнување на одговорност, бидејќи оштетувањето на јавниот буџет, особено во здравствениот сектор  е тежок удар врз довербата на граѓаните во институциите и директна закана по принципот на еднаквост пред законот.