Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, се огласи со извинување

Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, вечерва на Фејсбук изрази длабоко каење и се извини за видео-снимката на социјалните мрежи, која го прикажува како „шмрка бело“.

​Кузмановски нагласи дека постапката се случила „далеку пред неговото превземање на менаџирање на клиниката“, но признава дека тоа е момент на слабост со кој не се гордее.

​„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката… Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови,“ напиша Кузмановски.

​Тој потврди дека се повлекува од функцијата директор, истакнувајќи дека е задоволен со многуте резултати кои ги постигнал со својот тим.

​„Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата,“ истакна поранешниот директор.