Расчистен „Паркот на новинари“ спроти Нова Македонија по пријави од граѓани, Герасимовски апелира за заедничка грижа за јавниот ред

По бројни пријави од граѓаните, утрово општина Центар ја спроведе акцијата за расчистување на просторот спроти Нова Македонија, попознат како Паркот на новинари. Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека просторот бил нарушен со поставени шатори и инциденти, меѓу кои и физички пресметки, за кои постојат видео-докази.

„Реагиравме веднаш штом граѓаните алармираа. Јавниот ред и безбедноста се приоритет. Она што го затекнавме на терен само ја потврди потребата од итна реакција“, изјави Герасимовски.

Дополнително, на локацијата било присутно и лице со посебни потреби, што, според градоначалникот, ја отвора неопходноста за посериозна институционална вклученост. Тој апелира до Министерството за социјална политика, демографија и млади да се вклучи во понатамошното справување со социјалните аспекти на проблемот.

„Јавните простори мора да останат чисти, безбедни и достапни за сите. Ги охрабрувам граѓаните редовно да пријавуваат какви било неправилности. Заедно можеме да го одржиме Центар уреден и достоинствен“, порачува Герасимовски.