Славниот шпански тенисер Рафаел Надал ја доби титулата почесен доктор (доктор хонорис кауса) од Универзитетот во Саламанка, еден од најстарите и најпочитуваните универзитети во Шпанија и Европа.
Со оваа одлука, Надал влезе во историјата на институцијата како прв спортист на кој му е доделена оваа престижна титула, со што уште еднаш се потврдува неговиот придонес не само во спортот, туку и во општеството.
По завршувањето на церемонијата, Надал се огласи на социјалните мрежи, споделувајќи ги своите впечатоци и благодарност:
„Огромна чест, длабока благодарност и искрена радост. Да бидам првиот спортист кој е крунисан со ова признание од универзитет со толку големо значење за историјата, културата и образованието на нашата земја е нешто посебно за мене. Му се заблагодарувам на Универзитетот во Саламанка и на сите луѓе во овој прекрасен град за нивната топлина и поддршка. Секогаш ќе го паметам овој момент и ќе го носам со себе како потсетник да останам доследен на вредностите што ми ги даде спортот. Ви благодарам од дното на моето срце“, напиша Надал.