Реал Мадрид го посакува Александар Митровиќ – Српскиот голгетер на радарот на „кралевите“

Српскиот фудбалски ас Александар Митровиќ би можел да направи сензационално враќање во Европа – и тоа ни помалку ни повеќе, туку во редовите на фудбалскиот великан Реал Мадрид.

Според информации на неколку шпански медиуми, новиот тренер на „кралевите“, Чаби Алонсо, активно бара резервен напаѓач кој ќе може да ја преземе улогата што минатата сезона ја имаше Хоселу – „џокер од клупа“. Како еден од фаворитите се наведува токму 30-годишниот српски репрезентативец, моментално член на Ал Хилал.

Спекулациите се засилија кога неговиот тренер, Симоне Инзаги, објави дека Митровиќ нема да настапи против Реал Мадрид на премиерниот меч од Светското клупско првенство, закажан за среда од 21 часот.

Александар Митровиќ досега никогаш не настапувал во шпанската Ла Лига. По Партизан, се афирмираше во Андерлехт, па се пресели во Премиер лигата, каде блесна најмногу во дресот на Фулам – со импресивни 111 голови на 206 натпревари.

Во последните две сезони во Саудиска Арабија со дресот на Ал Хилал, забележа извонреден учинок: 68 голови и 15 асистенции на 79 натпревари.

Митровиќ е воедно и најдобар стрелец во историјата на српската репрезентација, со 62 голови на 100 натпревари, што дополнително го прави атрактивна опција за секој европски гигант.