Револуција во Мој Термин: Алиу најави нов, побрз и подостапен здравствен систем

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави целосна реформа на системот Мој Термин, ветувајќи платформа што ќе биде побрза, поедноставна и подостапна за сите граѓани.

На денешната работна средба со директорот на Управата за електронско здравство, Фикрет Шабани, Алиу истакна дека се работи на надградба на системот кој одамна е критикуван за својата нефункционалност.

„Мој Термин е точката каде граѓаните најдиректно ја чувствуваат потребата од ефикасна, правична и транспарентна здравствена услуга. Новиот систем ќе функционира во реално време, без непотребни бариери, нудејќи сигурност и пристапност“, рече министерот.

Тој нагласи дека резултатите од реформата ќе бидат видливи многу брзо, не само на екраните туку и во секојдневниот живот на пациентите.

Со ова, Министерството за здравство отвора ново поглавје во дигитализацијата на здравствените услуги, фокусирајќи се на корисничко искуство и подобрување на пристапот до лекарска грижа.