Рената Десковска примена во Европската академија на науките и уметностите – признание за академска извонредност

Професорката по уставно право, Рената Десковска, доби исклучително значајно меѓународно признание – беше примена како член на престижната Европска академија на науките и уметностите (EASA). Веста ја соопшти лично таа преку објава на социјалните мрежи, истакнувајќи дека приемот претставува резултат на ригорозна селекција и високи академски критериуми.

„Кога пред неколку месеци една колешка од Австрија ми предложи да ме номинира, се прашував дали ќе го поминам процесот на прием… На мое огромно задоволство, вчера постапката успешно заврши“, напиша Десковска, изразувајќи благодарност за признанието во областа на уставното право.

Што претставува Европската академија на науките и уметностите?

Европската академија на науките и уметностите е меѓународна невладина организација со седиште во Салцбург, Австрија. Основана е во 1990 година и брои над 2.000 членови – врвни научници, уметници, интелектуалци и нобеловци од цела Европа и светот. Академијата има за цел да го промовира научниот и уметничкиот дијалог преку интердисциплинарна соработка, поддршка на иновациите и залагање за општествен напредок.

Членството во академијата се добива само преку номинација и внимателна селекција од страна на постоечките членови, што го прави ова признание особено значајно за секој новопримен член.

Со ова, Рената Десковска станува дел од елитен круг на научници и уметници, а Македонија добива нов преставник во една од највлијателните интелектуални институции во Европа.