Реџепи: Седницата на Комисијата за надзор на АНБ е поништена, а не одложена

Претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), Скендер Реџепи, денеска на прес-конференција изјави дека седницата за наводното прислушување не била одложена, туку поништена. Тој го обвини претседателот на Собранието, Африм Гаши, дека се обидел да закаже седница без да поднесе формално барање до него, со што го прекршил Деловникот.

​„Денешната седница не беше одложена, туку поништена бидејќи е против Деловникот и седница ќе свикам јас кога за такво нешто ќе има барање“, рече Реџепи. Тој потенцираше дека ќе постапува само согласно Деловникот, кој предвидува седница да се свика по барање на една третина од членовите на Комисијата или по барање на претседателот на истата.

​„Банана држава“ и закана за кривична пријава

​Реџепи изрази жалење што државата станала „банана држава“, во која секој се прислушува и секој знае за тоа. Тој го критикуваше премиерот Мицкоски за изнесување класифицирани информации во јавноста и истакна дека нема да биде дел од таков скандал.

​На новинарско прашање, Реџепи одговори дека вчера ги контактирал службите и дека тие поднеле приговор до Кабинетот на претседателот на Собранието, предупредувајќи дека барањето за седница е против Деловникот. Реџепи додаде дека му пренел на Гаши дека има „потполно право да поднесе пријава против него“ и дека тоа е причината за поништување на седницата. Доколку седницата се одржела, тој најави дека ќе поднесеше кривична пријава.

​На прашањето за безбедносниот сертификат, Реџепи изјави дека веќе 10 или 11 месеци тој и неговиот заменик во Комисијата немаат добиено сертификат, додека во други држави, како Словенија, пратениците автоматски го добиваат со стапување на функција.